Прекрасен старински колач, толку мек и сочен што се топи во устата, а вкусот на рогач во комбинација со јаболката, цимет и арома на рум – тотално ќе ве освои. Покрај тоа, колачот е многу едноставен и многу брзо се приготвува, па има ли нешто подобро?

Потребни состојки:

4 јајца

75 г шеќер

1 ванилин шеќер

125 мл млеко

75 мл масло

1 лажица арома на рум

100 г брашно (остро)

100 г рогач

1 прашок за печиво

1 лажичка цимет

4 поголеми јаболка

За глазура:

125 г чоколадо за готвење

25 г путер/маргарин

2 лажици масло

Постапка:

1.Најпрво излупете ги јаболката.
Во еден сад соединете ги сувите состојки: брашно, рогач, прашок за печиво и цимет.

Во друг поголем сад изматете со миксер јајца со шеќер и ванилин шеќер, минимум 5 минути на најсилна брзина додека јајцата да се запенат и пораснат. Потоа додадете млеко, масло и арома на рум (може и прав рум) и промешајте.

Потоа додадете ја и мешавината од суви состојки и соединете се’ со миксер на најмала брзина во еднолична смеса.

2.на крај во смесата изрендајте ги и јаболката па рачно измешајте со лажица. Најдобро е директно да се рендаат во смесата зошто ако претходно ги изрендате во посебен сад, може да го испуштат сокот. Одберете јаболка по ваш вкус, но најдобри се зелените Granny Smith бидејќи се фини, сочни и киселкасти.

3.Пригответе помал плех (30х20 см), малку намастете го и побрашнете го, па истурете ја смесата за колач и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 30-35 минути. Проверете со чепкалка дали колачот е печен.

4.Почекајте малку да излади а потоа прелијте го со глазура. Глазурата направете ја така што ќе ги ставите на тивок оган чоколадото, путерот и маслото, па мешајте додека сето да се растопи и убаво соедини.

5.Колачот сечете го на коцки и уживајте!