Новини во третман на Helicobacter pylori инфекцијата- пробиотски додатоци за унапредување на ерадикацијата и намалување на стомачните тегоби!

Сезоната на прослави е во полн ек а со тоа е зголемен внесот на тешка масна храна и алкохол.

Токму затоа во овој период од годината кај голем број од пациентите се јавуваат непријатни дигестивни симптоми од тип на желудочна болка, жарење/печење во делот на стомакот, киселини, надуеност па дури и гадење и повраќање.

Една од најчестите причинители на овие стомачни тегоби е инфекција со Helicobacter pylori.

Helicobacter pylori е отпорна бактерија која има способност да преживее во киселата средина на желудникот и да се насели на гастричната слузница.

Тука може подолго време да опстојува без сериозни симптоми, а под влијание на надворешни фактори (стрес, тешка храна, алкохол, пушење) Helicobacter pylori се активира предизвикувајќи зголемено лачење на желудочна киселина.

Доколку инфекцијата со Helicobacter pylori не се третира може да се развијат сериозни компликации:

– Гастритис;

 Гастричен или доуденален чир;

– Аденокарцином на желудник;

– Non-Hodgkin’s –ов лимфом на желудникот.

Заради ова неопходно е при споменатите гастрични симптоми, кои перзистираат повеќе од 2-4 недели, да се побара лекарска помош или да се направи тест за присуство на хеликобактер.

Откако ќе се потврди хеликобактер инфекцијата преку соодветен тест (најчесто серолошки или од фецес) следи третман по соодветен тераписки протокол кој најчесто вклучува комбинирана антибиотска терапија (2 антибиотика) 7-14 дена + инхибитор на протонската пумпа (пр. Pantoprazole, Esomeprazole ).

Имајќи во предвид дека ваквата терапија е агресивна и предизвикува голем број на несакани дејства кои често се причина за прекин на терапијата, според најновите смерници задолжително при овој третман се вклучува соодветна пробиотска комбинација.

Пробиотиците се живи непатогени бактерии кои му користат на домаќинот менувајќи ја неговата желудочната микрофлора, при што ги намалуваат несаканите ефекти на стандарден третман на H. Pylori инфекцијата, особено диарејата.

Дополнително, во последните десетина години развиени се и специјални пробиотици кои имаат антимикробен ефект.

Најзначаен е L. reuteri (DSMZ 17648) кој продуцира reuterin кој има антимикробно дејство, но и специфично коагрегира со H.pylori, ги неутрализира и исфрла од организмот преку фецесот.

На овој начин L. reuteri ја намалува концентрацијата на H.pylori бактериите во организмот.

Како резултат на тоа користењето на соодветни типови на пробиотски комбинации, може да биде корисно за подобрување на толеранцијата на повеќе видови антибиотски терапии и унапредување на антибиотската терапија при третман на хеликобактер.

Автор: М-р Филип Ачкоски, Дипломиран Фармацевт