Фото и рецепт: Марина Станојевиќ

Некогаш е подобро да си задоволен со она што го имаш и да не бараш повеќе. А веќе доста долго време имав одличен рецепт за погачици со сирење.

Се прават брзо, од практично три состојки, тестото може да се замеси порано и да се чува во фрижидер неколку дена, погачиците може да се замрзнуваат и пред и после печење, вкусни се многу и први се изедуваат на секоја прослава.

Но мене тоа не ми беше доволно и посакав да се листаат како оние жу-жу.

Воведов постапка за превиткување на тестото при приготвувањето и ја постигнав целта, но добив и повеќе од што ми треба – погачиците толку многу се разлистаа и отидоа во вис, што некои и повторно паднаа долу.

Имаше секакви случаи како што може да се види на фотографиите. Навистина многу нараснаа и тоа без квасец и прашок за печиво. Иако тестото не го развлеков дебело, веројатно и тоа беше премногу за премалиот калап како основа, па добив и не баш репрезентативни примероци.

Поради тоа ви советувам сепак да го прескокнете тој чекор и да ги правите по старата, утврдена, скратена постапка.

Потребни состојки за тесто:

300 г сирење
300 г путер/маргарин
300 г брашно
сол

НАПОМЕНА: Можете да кориртите количини на состојките по желба, но важно е сите три да бидат застапени во еднаква количина.

За премачкување: 1 јајце (помало). За посипување: сусам

ПОСТАПКА:

1.Замесете тесто од сирење, путер, брашно и сол (по вкус, во зависност од тоа колку е солено сирењето).

2.Тестото свиткајте го во провидна фолија и оставете го во фрижидер најмалку еден час.

НАПОМЕНА: Времето на стоење во фрижидер е од најмалку еден час до неколку денови. Најпрактично е да се остави преку ноќ, па следниот ден да го работите.

3.Извадете, развијте го со оклагија, па или превиткајте го како книга (постапка од сликата) или едноставно само со модла веднаш вадете кругови и редете ги на плех обложен со хартија за печење.

4.Премачкајте ги одозгора со разматено јајце и посипете ги со сусам, па печете ги во рерна загреана на 200°C додека да поруменат (околу 15-20 минути).