-Света Петка е селска црква во тетовското село Беловиште. Се наоѓа во живописен предел во месноста Петочко Водиче, во непосредна близина на Беловишките водопади.

До црквата води асфалтиран пат, а во непосредна близина постојат неколку ресторани, како и јавни базени.

Црквата ја изградил иселеникот од САД, Сашо Јаковчевски во 1997 година. Низ црквата поминува вода за која се смета дека е лековита.-

Под високите и над стогодишни дрвја од бука, даб, костен – подигнати се две црквички.

Помалата ја изградил иселеникот Сашо Јаковчевски и ја посветил на Св. Петка. Беловиштани велат дека во 1997 година дошол од Детроит (САД) и рекол дека ќе подигне православен храм.

„Сонив дека треба да изградам црква и во неа ќе има извор со лековита вода која ќе ги лекува болните, а слепите ќе прогледуваат”.

Заедно со неговиот татко Живко, беловиштани од Детроит на 15 мај 1997 година ја изградиле црквата, ја насочиле водата, а на спомен-плочата не заборавиле да напишат: „Оваа чешма е лековита за очи“.

Овде од корените на дрвјата излегуваат многу извори, но еден е не толку голем и насочен кон црквата „Св. Петка“.

Токму за овој велат дека бил лековит, особено за очи.

Со децении доаѓале луѓе од многу места што имале проблеми со видот, а жителите на Беловиште велат дека „многумина се излекувале“.

Во Беловиште тврдат дека водата е света, дека тие што ја пијат се поздрави, па затоа по патеката од селото до чешмичето во црквата, независно од периодот во годината, па и денот, ќе сретнете минувачи со шишиња кои полнат вода.

„Овде најмногу се доаѓа на Велипеток, пред Ѓурѓовден, пред изгрејсонце. Тогаш водата е најлековита и вистински – света“ – велат мештаните.

Ирена П.