Каква би била таа супа, вариво или сос- без морков? Овој вкусен коренест зеленчук е непресушен извор за кулинарски инспирации и претставува добар извор на хранливи материи кои го јакнат имунитетот и го прават поотпорен организмот на сезонски болести.

 

Денес ви ги откриваме седумте тајни на моќниот морков!

 1.Моркот потекнува од Афганистан

Денес успева во целиот свет, а првите култивирани видови потекнуваат од Афганистан каде се одгледувале уште пред 1 300 години. Од Блискиот Исток се прошириле во Северна Африка, а од таму во Шпанија и во остатокот од светот.

 

2.Дивиот морков е афродизијак

За разлика од култивираниот, дивиот морков припаѓа во фамилијата штитарки, а го карактеризира бел и жилав плод. Расте на полињата и ливадите, а во медицината се користи целата билка за лекување на бројни болести- од хормонални пореметувања до дигестивни пречки. Некои се колнат во нејзините моќни афродизијачки својства.

 

3.Морковот е издржлив зеленчук

Морковот е еден од ретките видови зеленчук кој не морате да го извадите во текот на зимата. Неговиот плод може да го издржи замрзнувањето на земјата без поголеми последици за вкусот. Дури, колку морковот е подлабоко во земјата, толку неговиот вкус е посладок и повкусен.

 

4.Морковот е сојузник на убавината

Дури 88% од составот на морковот отпаѓа на вода. Поради ова, овој зеленчук има ниска калорична вредност па затоа се препорачува да го грицкаат оние што се на диета.

Морковите се воедно и најголемиот растителен извор на витаминот А кој телото го синтетизира од каротеноидите. Бета- каротенот од морковот помага во заштитата на организмот од болести на крвотокот, го подобруваат видот и ја разубавува кожата.

 

5.Морковите ги има во разни бои

Иако на пазарите е најзастапен морковот со портокалова боја, во светот постојат повеќе од 20 видови од овој вкусен плод. Палетата од бои се движи од нежно жолти до темно виолетови нијанси.

 

6.Со готвење се отпушта повеќе бета-каротен

Ако сакате да уживате во максималната корист од морковот, обработете го термички пред консумација. Имено, во свежиот плод се наоѓа само 3% бета-каротен, додека со готвење (варење или печење) се ослободува и до 40% од ова важно соединение.

 

7.Морковите лесно се чистат

Чистењето на морковот не мора да биде долготрајно ни заморно. Се чисти во неколку потполно едноставни потези. Само измијте го добро со вода, и загребете лесно со ножот во проблематичните делови.