Погачата е мека како душа…

Потребни состојки:

500 г брашно

20 г квасец

200 мл млеко (ако е потребно може уште малку)

1 лажичка сол

1 лажичка шеќер

5 лажици масло

За премачкување на тестото: 150 г путер

За премачкување на погачата: жолчка + сусам за наросување

Постапка:

Просејте го брашното и во средината направете вдлабнатина, па внатре издробете го квасецот, шеќерот и малку млако млеко, па оставете да се активира.

Потоа додајте сол, масло и остатокот од млекото, па замесете тесто. Добро измесете го да се добие мазно тесто кое не се лепи за садот. Оставете го на топло да ферментира и да го зголеми волуменот.

Стасаното тесто премесете го на набрашнета работна површина, поделете го на 5 еднакви делови и од секој дел направете топче. Оставете ги покриени 10 минути да одморат.

Секое топче развлечете го со величина на чинија, четири од нив премачкајте ги со растопен путер и редете ги една врз друга и на крај ставете ја петтата кора ненамастена.

Потоа развлечете поголема кора со пречник од 45 см, од кој ќе исечете обрач со приближно 2-3 см ширина. Преостанатиот круг исечете го на 16 еднакви делови/ триаголници. 

Виткајте го секој триаголник, но не како вообичаено за кифлички, туку се оди рамно со едната страна од триаголникот.

Редете во намастена тепсија со пошироката страна свртена кон ѕидот на тепсијата 26 см. Обрачот исечете го на 4 еднакви делови, свиткајте ги како полжав за да направите ружички и редете ги во средината од садот.

Оставете ја погачата покриена на топло да за да стасува и да го зголеми волуменот,  потоа одозгора премачкајте ја со жолчка и наросете ја со сусам.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, па кога ќе зарумени намалете на 180 степени и печете до крај, приближно 45 минути.

Тестото можете да го замесите навечер а наутро само да го ставите да се пече. Се остава во тепсија да стасува и да го зголеми волуменот, се прекрива со проѕирна фолија и се остава во фрижидер на најниската полица.

Наутро се вади 30-тина минути на собна температура, се премачкува со жолчка, се наросува со сусам и е еднакво добра како тукушто да сте ја измесиле.

Бидејќи тестото се замесува со млеко, при печењето брзо добива боја, па затоа кога малку ќе се потпече и ќе добие боја, ставете алу-фолија или пек-хартија одозгора, но никако не притискајте, па продолжете со печењето.