Освежувачки вкусен фил од портокал во комбинација со бисквити кои во себе имаат какао полнење и дополнително збогатено со слој од чоколадо преку бисквитите.

Потребни состојки:

300 г турски бисквити (со какао полнење), 1 пакување

4 зрели портокали, малку помеки бидејќи тие содржат повеќе сок или 5 доколку имаат помалку сок

400 мл млеко

200 г шеќер кристал + 4 лажици

2 пудинг од ванила

200 г путер/маргарин

100 г шеќер во прав

150 г чоколадо

3 лажици масло

3 лажици млеко

250 мл слатка павлака

Постапка:

Исцедете ги портокалите, па во сокот додадете 200 г шеќер. Ставете на оган да проврие. Штом зоврие сокот, додадете 200 мл млеко, па повторно почекајте да проврие.

Во меѓувреме измешајте го пудингот со остатокот од млекото и 4 лажици шеќер, па соединете. Кога сокот и млекото ќе зовријат додадете го приготвениот пудинг со постојано мешање и гответе додека да згусне.

Тргнете од оган, прекријте со фолија за да не се создаде коричка и оставете да се лади. Кога ќе излади тргнете ја фолијата.

Иматете го путерот со шеќер во прав, па соединете го со пудингот.

Изматете слатка павлака како за шлаг, па додадете во филот 2-3 лажици и повторно изматете.

Турските бисквити поделете ги на 4 еднакви дела.

На подлогата на која ќе го редите колачот на неколку места ставете многу малку фил кој ќе послужи како лепак за бисквитите, бидејќи тие не се потопуваат во млеко (за да се фиксира).

Наредете прв ред бисквити.

Растопете чоколадо со масло, додадете млеко и брзо измешајте. Со третина од чоколадото премачкајте ги бисквитите и ставете ви фрижидер 10 минути да се стегне. Потоа премачкајте со слој од фил, па тенко нанесете шлаг.

Ставете втор ред бисквити, чоколадо, фил, слатка павлака, па трет ред бисквити, чоколадо (кое сега малку е стегнато па треба да се загрее), почекајте да се стегне, фил, слатка павлака и одозгора четвртиот ред бисквити.

Декорирајте по желба и оставете неколку часа тортата да се отпушти а вкусовите од состојките да се соединат. За дополнителна арома, нарендајте малку кора од портокал како декорација.