Некогаш беше многу популарен и омилен, а веќе долго време е заборавен. Не само што не сум го направила цела вечност, туку и не се сеќавам кога последен пат некој го спомнал овој колач.

Му помина модата веројатно, но и натаму си останува прекрасен како што си беше и некогаш.

Единствена забелешка што ја имам за овој колач е сувиот бисквит, па јас затоа го направив овој прелив за малку да се навлажни.

Потребни состојки за кора:

5 јајца

200 г шеќер

200 г остро брашно

1 лажица вода

2 лажици какао

Постапка:

Рерната загрејте ја на 180 степени.

Плехот (30х32) намастете го и набрашнете го.

Брашното и какаото спојте ги и просејте ги.

Белките  изматете ги во цврст снег, а додека ги матите постепено додавајте шеќер, па потоа и вода. Едно по едно додавајте ги жолчките а на крај брашното со какаото. Смесата истурете ја во плехот и печете во загреана рерна, па печете околу 30-40 минути.

За тоа време пригответе го преливот и кремот.

За прелив:

100 мл млеко

1 лажица шеќер

1 мала лажичка ванила

Во помал сад ставете ги сите состојки и кратко провријте.

Печената кора свртете ја наопаку, па врз него рамномерно со лажица полевајте од преливот.

Инаку, бисквитот го вртам наопаку, за да остане мазната површина надолу, инаку тој тенок слој ќе се лепи за кремот и ќе се одвојува од остатокот од кората.

За крем:

500 мл млеко

150 г шеќер

5 жолчки

5 лажици брашно

200 г путер

100 г шеќер во прав

Постапка:

Во еден сад ставете го млекото на оган. Во друг изматете ги жолчките со шеќер, а после 2-3 минути миксање додадете малку врело млеко за да се темперираат јајцата. Промешајте, па додадете брашно и сето заедно ставете го во садот со млекото.

Намалете го огнот (или на кратко тргнете го садот настрана) о брзо мешајте го кремот со маталка за да не се создадат грутки. Вратете на тивок оган и варете го кремот неколку минути додека да се згусне. Најпосле тргнете од оган и оставете да излади.

Путерот пенесто изматете го со шеќер во прав па додадете го во изладениот крем и уште кратко миксајте убаво да се соедини.

Жолтиот крем нанесете го врз изладената кора.

Сега пригответе го шлагот:

5 белки

200 г шеќер

Сок од половина лимон

2-3 лажици вода

Постапка:

100 г шеќер ставете во мал сад, додадете вода и ставете на оган. Варете на тивок оган додека да згусне сирупот.

Додека се готви сирупот белките изматете ги во цврст снег, па додадете го преостанатиот шеќер (100 г), па мешајте уште минута-две. Сирупот тргнете го од оган и со постојано миксање додадете го во белките, полека, во тенок млаз. Белките ќе станат прекрасно сјајни. На крајот додадете го лимоновиот сок и сето кратко промешајте го.

Снегот од белки нанесете го преку жолтиот крем. По желба наросете го колачот со какао или чоколадо во прав.

Добро изладете пред сервирање.