Фото и рецепт: Блага Јованова

Тараненик е кавадаречко јадење кое се приготвува од тарана и јуфки. Како што вели Блага, кога е многу ладно, ова јадење ви ја топли душата.

Корите и тараната ги запекувате со масло додека да заруменат со постојано мешање, а потоа се залеваат со врела вода (еден прст над корите). Се посолуваат и повторно се враќаат во рерна – брз и убав појадок.

Потребни состојки:

250 г домашна тарана

250 г домашни јуфки

1 литар вода

сол, масло

Постапка:

Во тава за печење прво се реди еден ред јуфки, па потоа тарана, и се’ така наизменично додека да се пополни тавата. Така наредени се ставаат во рерна да се потпечат и да фатат боја.

Во меѓувреме, во едно тенџере се загрева вода и сол.

Во друга тава се загрева масло за јадење. Кога Тараненикот е потпечен во рерна, прво се полева со жешка вода, а потоа се налева со врелото масло.

Некои ги потпекуваат јувките прво со маслото, а потоа ги полеваат со врела вода.

Се враќа да се допече додека да изврие водата. Тогаш се вади и по желба одозгора му се ренда сирење или кашкавал.