Милиони луѓе ширум светот заболуваат од болести на штитната (тироидната) жлезда. Заболувањата на штитната жлезда се исто како шеќерната болест, најчесто ендокринолошки заболувања. Најчести облици на заболувања на штитната жлезда се: гуша (струма) која се смета за најзачестена болест на тироидеата, тиреоидитиси – воспалителни болести на тиреоидеата, хипертиреоза и хипотиреоза.

Оралното здравје на луѓе со заболувања на штитната жлезда

Кај пациентите со хипертиреоза може да дојде до остеопороза која ја зафаќа и алвеоларната коска на горната и долната вилица. Освен тоа, кариесот и пародонталните болести кај ваквите пациенти побргу се развиваат отколку кај останатите пациенти, меѓу другото најмногу и поради намаленото излачување на плунката. Кај децата и помладите луѓе со хипертиреоза, вилиците и забите побрзо се развиваат и никнат, што може да резултира со рано испаѓање на млечните и појава на трајните заби отколку вообичаено. Во литературата се опишани случаи кога мајки со хипертиреоза родиле здрави новороденчиња кои веќе имале изникнати заби.

Антитиреоидни лекови можат да направат пациентот да заболи и од други инфекции па дури и да го успорат заздравување на раните од повреди. Кај некои пациенти може да се појави чувство на печење во усната шуплина, но и жлездено ткиво во страничниот сегмент од коренот на јазикот. Хипертиреозата може да биде пропратена и од Сјогренов синдром со сувост во устата и системски Lupus Erythematosus.

Тешка хипотиреоза во текот на феталниот развој од животот и раното детство може да доведе до тешка ментална ретардација (кретенизам). Кај ваквите деца, но и млади луѓе со неизлечен хипотиреоизам може да дојде до задоцнето никнување на забите, хипоплазија на забниот емајл, појава на ортодонтски аномалии – малоклузии (на пр. Отворен загриз), зголемување на јазикот (macroglossia) и усните. Возрасните луѓе со хипотиреоза обично имаат зголемен јазик, оток на гингивата и зголемени плунковни жлезди. Ваквите пациенти исто така имаат зголемен ризик од појава на кариес и пародонтални болести. Заздравувањето на раните во усната шуплина може да биде забавено, а осетот за вкус променет.

Воспалението на штитната жлезда (тиреоидитис) може да биде болно, а таа болка може да се рефлектира во насока на увото, вилиците и предната страна од главата, па со тоа треба да се внимава при поставувањето на диференцијалната дијагноза. Отежнато голтање понекогаш може да биде знак за воспаление на тироидната жлезда.

Стоматолошки третман кај пациенти со заболувања на штитната жлезда

За време на посетата кај стоматологот, пациентот задолжително треба да му каже информации за лековите кои ги прима. Исто така стоматологот треба да го праша пациентот за неговата здравствена состојба т.е да процени дали за потребниот стоматолошки третман ќе бидат потребни дополнителни анализи. Пациенти кои имаат неизлечена или лошо лекувана хипертиреоза можат да доживеат тн. тиреотоксична криза или тиреоидна олуја која се смета за итна медицинска состојба и може да биде опасна по животот на пациентот. Хируршки интервенции во усната шуплина како и акутните орални инфекции можат да предизвикаат појава на тиреотоксична криза. Доколку за време на стоматолошката интервенција дојде до тиреотоксична криза, стоматологот треба да прекине со работа и да му пружа помош на пациентот.

Кај пациенти со блага хипотиреоза, стоматолошките интервенции можат да се изведуваат без никакви ограничувања, но со напомена дека постои можност од појава на зголемена осетливост на болка. Превентивните стоматолошки мерки за заштита и чување на здравјето на усната шуплина кај луѓето со болести на штитната жлезда во себе вклучуваат редовно и правилно одржување на хигиена на усната шуплина (миење на забите 2-3 пати во текот на денот), употреба на забен конец или интердентални четки, посета на стоматолог два пати годишно. Превентивните орално – хигиенски мерки можат да ја намалат можноста за појава на кариес и пародонтални болести кои кај овие пациенти се појавуваат почесто отколку кај останатата популација.

Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-