Постои верување дека завидливите и злобните луѓе може да глумат кога за нешто убаво зборуваат и го фалат, а всушност му го посакуваат сето спротивното од тоа, па цалата таа своја злоба ја искажуваат со зол поглед од кој настанува урокот.

Најчесто се случува грдите луѓе да им завидуваат на убавите, сиромавите на богатите, болните на здравите, несреќните на среќните и ете место и работа за урокливите очи, па затоа од уроци се плашат и децата и возрасните.

Но, не мора некој да биде злобен за да има урокливи очи или зборови. Според народното верување, во секој пофален збор и восхит, во секој мил или злобен поглед се крие моќта на урокот.

Дури и денес може да се види борбата на некои поединци против урокот.

Најчесто тоа се случува кога некој се фали како работата добро му оди, кога некој многу му се восхитува на нешто или ако некој се фали дека семејството му е здраво…тогаш тој обично чукнува во дрво со зборовите: “Да не чуе злото!” или вели: “пу, пу! Да не го урочам.”

Во дрво се чука за да се збуни урокот и злото да не ја слушне пофалбата, па евентуалната несреќа да премине врз дрвото. 

Сите овие ритуали имаат за цел да ја неутрализираат јачината на урокливиот поглед и урокливите очи и на тој начин да ја спречат несреќата.

Покрај чукањето, плукањето и изговарање на “магични” зборови, најдобар начин за спречување на уроците се чудотворните амајлии.

Нивна главна функција е да го одвлечат погледот на урокливите очи, бидејќи тие обично прво застануваат на некој впечатлив, смешен или страшен предмет или на некоја упадлива боја.

Тие смешни или страшни предмети (кукли, животински коски…) и упадливи бои (црна – боја на ѓаволот, бела – симбол на брашното и црвена – претставува лутина) се ставаат на разни начини кај оние кои треба да бидат заштитени.

Најчесто тоа се мали деца, невести или стока, дури и градини, па така некогаш во минатото се случувало луѓето да закачат некој стар исушен череп на висока прачка некаде на имотот блиску до стоката, за да се задржи тука урокливиот поглед и да ја изгуби својата уроклива моќ.

Се верува дека на мало детенце не треба да му се каже дека е убаво, туку треба малку да се поплука и да му се рече дека е грдо.

Мајките пак, за да ги заштитат своите деца од урокливи очи, им врзуваат на капчињата некој предмет: сребрена паричка, глогов трн, заб од пцовисано животно или некое врвче или лента со живи бои за да се задржи врз нив погледот на урокливите очи и на тој начин да не му наштетат на детето.

Исто така, кога се оди некаде со мало дете, мајката му облекува нешто наопаку на детето, го нацрнува малку меѓу веѓите и во оџакот викнува: Кога оџакот ќе се урочи тогаш и моето дете ќе биде урочено!