Потребни состојки:

2,5 литри млеко

1 лажица густ јогурт (био јогурт, кисело млеко или друг производ за кој сте сигурни дека има живи култури, најдобро е маја да се земе од претходно некој што поткиселувал млеко)

Постапка:

Садот во кој ќе се стави млекото мора претходно да биде убаво измиен со вода. На дното ставете тацна од кафе или мала чинија за да не се прелева млекото надвор.

Ставете да се вари на силен оган и цело време внимателно следете го. Потребно е да испари околу еден прст. Колку подолго го готвите толку погусто ќе биде. Потоа млекото се истура во стаклени или земјени садови кои се оставаат на собна температура. Или оставете го во истиот сад.

Распоредете ги садовите врз некој пешкир за да не ја изгубат топлината.

Оставете некое време млекото да подизлади. Вистинското време за додавање на маја е кога ќе го брцнете прстот во средината од садот и ќе броите до 10: ако можете да издржите без да ви биде врело, тогаш можете да додадете маја и оттогаш веќе не смеете да го помрднувате и пренесувате садот на друго место.

Ако е многу врело и не можете да издржите до 10, тогаш почекајте уште малку. Но внимавајте, млекото не смее да биде млако, мора да ја погодите вистинската температура.

Кога сметате дека е идеална температурата, одземете една лажица млеко. Промешајте со една лажица маја. Смесата не смее да биде воденикава, значи мајата треба да биде густа. Потоа додадете го во млекото и мешајте 2-3 минути.

Ако млекото сте го распоредиле во повеќе помали садови, во секоја ставете по лажичка од смесата, распоредете рамномерно.

На млекото ставете цедалка и завиткајте го садот со пешкир, но одозгора да биде отворено за да може пареата да излегува.

Потоа земаме уште еден пешкир или ќебенце па завиткајте го целиот сад. Значи: еден пешкир под садот, еден околу и уште еден со кој ќе се завитка целиот сад.

Најдобро е ова да го правите навечер, па рано наутро да го ставите во фрижидер. Кога јогуртот ќе помине еден ден и една ноќ во фрижидер, ќе добиете одличен, многу густ домашен јогурт, односно кисело млеко.