Торта од сирење, Tarta de questo, Чискејк е кремаста, вкусна и свежа слатка… можам слободно да ви кажам дека доведува до лудило во комбинација со домашен карамел. Ви гарантирам! Овој рецепт е на мојата свекрва, па сега замислете! Ненадмината е!

Ова е едно од низата гастрономски изненадувања кои ги сретнав на самото доаѓање во Шпанија. Ме воодушеви Тортата со сирење. Шпанците ја сакаат. Всушност, ја сакаат сите што еднаш ја пробале. Со овој рецепт ќе постигнете сигурен успех, без разлика кој ви доаѓа или за каква пригода се подготвувате.

Не може а да не ви успее. Ги спојувате состојките, промешувате, варите и излевате во калап. По неколку часови ладење, го превртувате калапот, прелевате со карамел и вашата торта е готова!

Потребни состојки:

500 г слатка павлака (18 или 35%)

200 г кремасто сирење (тип на Филаделфија)

4 супени лажици шеќер

1 чаша млеко (околу 200-250 мл)

1 кесичка желатин

4 супени лажици шеќер-карамел за подлога

Постапка:

1.Направете ја подлогата: загрејте 4 лажици шеќер во тенџере да се растопи додека да добие златно-смеѓа боја, односно боја на карамел. Веднаш излијте го во калапот (20 см) во кој ќе ја правите тортата.

2.Во подлабок сад ставете ги останатите состојки и загревајте мешајќи додека да зоврие. Важно добро е да ги соединете состојките за да нема грутки, па ако почувствувате потреба, употребете и рачен миксер за мешање.

3.Кога ќе зоврие, излејте во калапот со карамелата и оставете да се лади, најмалку 6 часа.

4.Кога тортата е изладена, тортата превртете ја на одговарачка чинија за послужување (Калапот прекријте го со чинијата и брзо превртете.) Ако сметате дека е потребно пред свртувањето да се одлепи тортата од ѕидовите на калапот, направете го тоа со силиконска лопатка или со нож, за полесно да излезе тортата.