Морав да ги наречам “Чамци со сирење” за да не си помисли некој дека се вистински чамци : – ) Овие се од тесто, а полнењето може да биде по желба. Јас направив три вида: едното беше со пица полнење, второто беше со ситно сирење со босилек и магдонос, а третото беше со сирење и печурки, па сред печење им скршив и по едно јајце.

Потребни состојки:

500 г брашно

250 мл вода

70 мл масло

15 г квасец (3-4 г сув)

1 лажичка шеќер

1 лажичка сол

1 жолчка

Постапка:

Во топла вода издробете го квасецот и додадете шеќер па промешајте. Додадете половина брашно и речиси целото масло, (оставете малку за да се намасти тестото околу) сол и измешајте добро со лажица.

Како го додавате остатокот од брашното, така мешате. Кога тестото речиси не може повеќе да се меша со лажица, земете и малку со рака замесете, само колку да му дадете форма. Не е потребно долго месење, бидејќи тестото е веќе добро изработено со лажица. Тоа ќе биде меко и лепливо. Оставете да кисне.

Наросете со брашно на работната површина, па малку премесете го надојденото тесто. Потоа поделете го на онолку делови колку што сакате да правите чамци. Од оваа количина можете да направите 6 поголеми.

Секое парче тесто развлечете го во правоаголник, ставете фил на средината па краевите свиткајте ги кон внатре по 1 см.

Најдобро би било секој чамец кога ќе го развлечете веднаш да го префрлите во тепсија, да го филувате и свиткате, па така ќе одбегнете можно распаѓање кога ќе го пренесувате чамецот (тестото е меко).

Свитканите краеви премачкајте ги со изматена жолчка и оставете 10 минути да киснат, па вклучете ја рерната на 220 степени да се загрее, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна додека свитканите ивици на чамците да заруменат.