Идејата за овие бурекчиња ја „собрав“ од турска серија, каде главната јунакиња на своите деца им го приготви ова за појадок Peynir Zeytinli Börek, па ме копкаше вкусот. Не сакав да ги пржам како неа, па се одлучив да ги испечам во рерна и плус го променив обликот да личат на тркалезни мали бурекчиња.

Зелените маслинки во комбинација со сирење во филот се изненадувачки добри, така што овие пикантни бурекчиња веќе неколку пати се најдоа на нашата трпеза. Ги приготвував и за гости, сите беа воодушевени! –гагахерц.

Потребни состојки:

400 г тенки кори за пита

400 г фета сирење (или половина фета, половина рендан кашкавал)

2 јајца

100-120 г зелени маслинки без семки

Масло по потреба

Постапка:

Сирењето издробете го, додадете јајца и промешајте. Зелените маслинки исечкајте ги и додадете ги во сирењето, па сето убаво соединете го.

Секоја кора преполовете ја, па премачкајте со половина лажичка масло. На долната третина од корите распоредете лажичка од филот, завиткајте како палачинка и свиткајте во мало тркалезно бурекче (полжавче).

Бурекчињата наредете ги во намастен плех. Добро натопете ги со мешавина од масло и вода и печете 30 минути на 200 степени. Пред крај извадете го плехот и уште еднаш премачкајте со масло и вода, па печете уште 5 минути да бидат златни и крцкави.

Послужете ги топли, иако се убави и ладни. Обично питите одозгора ги премачкувам со јајца и павлака, овде не ставив, за да биде горната коричка крцкава.