Брза солена торта со лепче

Солената торта е моментно едно од најактуелните предјадења.

Ова предјадење кое просто се топи во устата, со сигурност ќе биде општоприфатено од вашите пријатели. Добар избор е доколку ви е потребно за многу кусо време да приготвите нешто што изгледа богато и нешто што ќе го засити и стомакот и очите.

Солената торта можете да ја послужите во сите пригоди па дури и на најпребирливите гости бидејќи е навистина право гастро-задоволство! Не само што овој солен деликатес ќе ги засени дегустаторите туку и засигурно ќе бидат воодушевени од вкусот, а вие ќе бидете горди затоа што сте приготвиле вистинско солено задоволство за толку кратко време : – )

Потребни состојки:

12 парчиња тост-леб

4 варени јајца

4 кисели краставички

400 мл кисела павлака

400 мл мајонез

150 г печеница

150 г шунка

300 г кашкавал

За филување одозгора: кисела павлака или мајонез, рендан кашкавал по желба, варени јајца, краставица или нешто друго за декорација.

Постапка:

Врз садот за послужување наредете 4 парчиња леб. За првото филување измешајте 200 мл павлака со 200 мл мајонез. Премачкајте го лебот со поголемиот дел од намазот и оставете 1/3 за подоцна.

Преку мајонезот наредете сечкана (или рендана) шунка и 150 г рендан кашкавал. Јајцата сварете ги и исечете ги на тркалца или изрендајте ги па наредете ги преку кашкавалот.

Преку јајцата премачкајте го остатокот од намазот па наредете следни 4 лепчиња. За вториот фил исто така измешајте 200 мл павлака со 200 мл мајонез.

Исто така оставете една третина од намазот за подоцна.

Печеницата исечкајте ја и наредете ја преку филот. Повторно наросете 150 г рендан кашкавал. Преку него наредете тркалца од кисели краставички. Со преостанатиот фил премачкајте преку краставичките.

Останатите 4 лепчиња наредете ги на врвот од солената торта.

Одозгора премачкајте со павлака или мајонез, по вкус, и наросете со рендан кашкавал. Според вашата креативност, украсете ја тортата за уште повеќе да ги восхитите вашите пријатели.

Солената торта е најдобро да се направи еден ден претходно за да може лебот убаво да ги впие состојките и за да може убаво да се олади и стегне. Уживајте во богатството од вкусови!