Ако пред врата најдете сламка со клас, тоа значи дека ќе ви дојде некој маж на гости, а сламка без клас – гостинка.

Кај разни народи уште од древни времиња се задржале бројни претскажувања кои денес главно се сметаат за празноверие. Сепак, ваквите претскажување отсекогаш го привлекувале вниманието на астролози, религиозни следбеници и љубопитни луѓе, а нивното вистинско толкување и не е толку лесно. Зошто на пример, ако патот ви го пресече црна мачка или ако прелета гавран од лева страна носат несреќа? Дали е секогаш така и под кои околности?

Во продолжение дознајте ги најпознатите народни верувања за билките, па сами проценете колку вистина има во сето тоа.

ДЕТЕЛИНА

Носат среќа оние со 4,6,8 и 9 ливчиња. Несреќа носат детелините со 5 и 7 ливчиња, па доколку пронајдете вакви треба да ги уништите.

Повеќе среќа носи детелината која случајно ќе ја најдете, отколку ако намерно ја барате. Кога ќе пронајдете среќна детелина, треба да ја скинете со нокти или заби, па да ја ставите во свилено марамче и да ја носите покрај срцето, а за неа со никој да не зборувате.

Среќната детелина со девет ливчиња е многу ретка, а се носи со себе и дење и ноќе.

ПЧЕНИЧЕН КЛАС

Ретко е двокрак, трокрак или повеќекрак, но ако случајно го пронајдете, носи среќа. Парните класеви носат среќа во пари се носат покрај себе, а непарните среќа во љубов, но не се носат со себе.

СЛАМКА СО КЛАС

Пред врата е знак дека ќе ви дојде гостин, а без клас – гостинка.

Ружа од чија средина расте пупка е „вереничка“ пупка. Кој ќе пронајде таква брзо ќе се омажи или ожени. Кога ќе се закачите за трн, тоа е знак за скорешна свадба.

Кога ќе ви се закачи некаква гранка, знак е дека некој ве обожува. Гранката не треба да ја прегазувате, туку само со рака да ја отстраните.

Цвет од рен, ако го носиш со себе, ги одвраќа непосакуваните додворувачи.

Првата љубичица која ќе ја најдете напролет, треба да ја изедете, бидејќи таа година ќе бидете исполнети со љубов.

Глогова прачка во домот ги штити луѓето што живеат во него.